Кратка но мошне интересна и пред се поучна исповед на еден наш читател по име Тони С. Истиот се реши јавно да раскаже што му донел животот и со што морал да се соочи. Пред половина година, мојот прв братучед со кого израснавме, безмалку бевме секој ден заедно, ми дојде на гости и видно загрижен ми побара помош, но притоа нагласи дека сето тоа сака да остане во дискреција.

Братучедот ми побара пари на заем, бил на голема мака. Стануваше збор за 2000 евра, му ги дадов во кеш а тој ми се заблагодари многу и ми вети дека до крајот на годината ќе ми ги врати.Одминуваше месец по месец, повторно се гледавме безмалку секој ден, седевме, се дружевме но за парите ниту збор да изусти.

Јас со сета почит и доверба кон него, не сакав ни да се осмелам да помислам да му ги побарам и да го прашам до каде е работата.Сепак, ете, ми затребаа и мене и бев приморан, сакал-неќел да си ги побарам моите пари.

Му вртам на телефон на мојот братучед, вообичаен муабет и конечно прашањето: Види вака братучед, знаеш ти позајмив пари, не те прашував ништо, но те молам разбери ме и мене, парите ми се потребни, да те прашам кога планираш да ги вратиш.
Но за мене следеше големо разочарување од слушалката на телефонот, поточно од гласот кој доаѓаше: За какви пари бе зборуваш ти, што си ми позајмил, па тие пари беа мои, ти тогаш само ми ги врати.

Зарем малку ти беше она што татко ти му го зеде на татко ми. Да ти е срам што ме прашуваш ова.Јас буквално останав нем, ама буквално не можев да проговорам ниту еден збор повеќе од една минута додека ми говореше сè и сешто.

На крај само му реков, збогум и ја спуштив слушалката. Не ми беше јасно за што зборуваше, зошто го меша чичко ми, па тој и татко ми се синоним за слога и почитување на брат со брат.