Доењето е првенствено чин на хранење, но ништо помалку значајна не е и психолошката компонента – тоа е еден од основните канали за поврзување на бебето и мајката и за одржување на таа врска. Тоа е извор на утеха, јасен знак дека бебето е сакано и згрижено, потврда за неговата вредност и уважувањето од страна на родителите.

Како што прехранбеното значење на млекото не се губи, така не исчезнува ни неговото емотивно значење, вели психологот Даница Ивановска-Лепојевиќ, советничка за доење и дула. Секогаш кога зборуваме за доењето, добро е да имаме на ум дека доењето не е луксуз, туку основен начин на задоволување на основната потреба на секое бебе – хранењето. И дека најдобра препорака во однос на доењето секогаш е – ексклузивност, односно исхрана само со мајчино млеко до полни 6 месеци без никакви други додатоци.

И уште една премиса, ништо помалку важна од претходните – бебето треба да цица кога сака, колку сака, каде сака. Овие ставови се препораки на Светската здравствена организација, Ла Лече лигата и сите други релевантни интернационални организации од областа на доењето и грижата за бебе и новороденче – категорична е Ивановска-Лепојевиќ.

>Не помалку од 10 подои во првите 40 дена Дури и кога станува збор за тоа колку ноќни подои му се доволни на едно бебе, таа вели онолку колку што тоа сака. Сè додека зборуваме за здраво бебе, без медицински тешкотии, бебето е тоа што диктира колку сака да цица и кога. Единствена одредница, во периодот на воспоставување на лактацијата, односно првите 6-8 недели, е дека бебето не смее да има помалку од 10 до 12 подои во 24 часа, и дека ноќе подоите треба да се на најмногу три часа растојание.

По периодот на воспоставување на лактацијата бебето само ќе го воспостави ритамот што му е потребен. Она што на мајката ѝ „преостанува“ е да го запознава своето бебе што е можно повеќе, да ги чита неговите знаци, да учи за неговите потреби и нивното изразување, за неговата личност и нејзиното формирање. Да воспостават заемна комуникација која за основа има целосна поддршка на бебето и задоволување на неговите потреби. Бебето има потреби, ние одговараме на нив – не му ги создаваме и, секако, не му ги менуваме.

Никој од нас не би сакал да биде хранет кога некој друг смета дека е гладен, туку кога е реално гладен – додава Ивановска-Лепојевиќ.
Подоите ноќе кога се воведува храна. Како што објаснува таа, во текот четвртиот месец, кога бебето почнува да го развива својот интерес за надворешниот свет, веќе не се само тоа и неговата мајка, како што било дотогаш, туку цел нов неоткриен свет кој за бебето станува особено интересен.

Бебето тогаш обично го намалува интензитетот на цицање во текот на денот, тоа не му е интересно, дури и почнува да одбива. Но затоа расте фреквенцијата на ноќните подои, затоа што бебето тогаш го надоместува млекото што не го внесува во текот на денот. За жал, токму тогаш многу мајки добиваат препорака да ги укинат ноќните подои, што директно влијае врз продукцијата на млеко, па затоа се случува оној необичен момент на „магично“ губење на млекото, што жените често го пријавуваат.

Всушност, се работи за погрешна и многу штетна препорака. Нивото на пролактин, што е поврзано со создавањето на млекото, расте во текот на ноќта, па ако стимулирањето на создавање млеко преку цицање не се случува, тоа води кон загуба на млекото. Мора да имаме на ум и дека бебињата третина од дневниот внес на млеко го прават во текот на ноќта, а тоа често преминува во половина во одредени периоди-– ни посочува Даница.

Ноќните подои се клучни за развојот и растот на бебето, но ретко кога се става акцент на оваа теза.– Една од многуте фасцинантни карактеристики на мајчиното млеко е неговата адаптибилност кон условите, вклучително и кон разликата ден и ноќ – и тоа има циркадијален ритам. Составот на млекото ноќе не е ист како составот на дневното млеко.

Она што всушност го учи нашето бебенце да прави разлика меѓу денот и ноќта не е редот на спиење кој ние насила му го воспоставуваме, туку токму разликите во составот на млекото преку ден и преку ноќ – нивото на триптофан (прекурзорот на мелатонин) и одредени непротеински нуклеотиди кои се одговорни за здравиот сон, се повисоки во текот на ноќта. Така што нема причина да се укинуваат ноќните подои сè додека мајката и бебето не одлучат да го завршат доењето.

Кога ќе ја донесат таа одлука, обично, во најголем број случаи, ноќните подои се тие што последни се укинуваат. Освен ако бебето не „одлучи“ и покаже поинаку, прво се намалуваат и укинуваат дневните, а потоа ноќните подои – потенцира советничката за доење. Според неа, некаде околу шестиот месец, кога детето ќе стане посвесно за светот и разликата меѓу него и мајката, кога ќе почне да го осознава и да го разбира светот околу себе, и кога во неговиот живот многу појасно и повидливо ќе настапи стравот, повеќето бебиња ќе почнат уште почесто да се будат ноќе и да бараат утеха од оној што најдобро го познаваат – од мајката, и на начинот кој најдобро го знаат – преку цицање, што не ја исклучува реалната потреба за храна.

Кога ќе ја добиеме препораката дека токму во тој период на т.н. ноќни терори треба на малото суштество да му го пресечеме каналот на најголема утеха, добро е да се запрашаме најчовечки – како ние би се чувствувале кога нам би ни го направиле истото, вака возрасни и силни? И кои последици тоа би ги имало – категорична е Даница.