Две жени преживеале 122 часа под урнатините во Турција

Спасувачите во Турција извлекоа две живи жени од урнатините на зградите кои беа затрупани цели 122 часа, соопштија денеска властите.
Вкупниот број на загинати во Турција и Сирија достигна 24.150, еден ден откако турскиот претседател Таип Ердоган рече дека властите требало побрзо да реагираат по земјотресот што го погоди во понеделникот, на 6 февруари.

Една од спасените жени, Менексе Табак (70) била завиткана во ќебе додека спасувачите ја носеле во амбулантно возило во провинцијата Караманмарас, јави Државната агенција Анадолија.

Втората спасена жена е Масала Чичек (55), која беше извлечена повредена од урнатините на зграда во Дијарбакир, најголемиот град на југоистокот на Турција.

Шеесет и седум лица беа спасени од урнатините во претходните 24 часа, изјави вечерва пред новинарите турскиот потпретседател Фуат Октај. Во погодениот регион пристигнаа 31.000 спасувачи.

Околу 80.000 луѓе се на болничко лекување, а 1,05 милиони останаа без покрив над главата и во моментов се во привремени засолништа, рече Октај.

„Нашата главна цел е да обезбедиме нивно враќање во нормален живот со тоа што ќе им обезбедиме трајно домување во рок од една година, за да можат што поскоро да ја излечат болката“, рече турскиот потпретседател.

Сирискиот претседател Башар ал Асад за прв пат дојде во погодената област по земјотресот и ја посети болницата во Алепо со сопругата Асма, објавија државните медиуми.

Неговата влада одобри испорака на хуманитарна помош преку првите линии на 12-годишната граѓанска војна, што ќе ја забрза испораката на помош до милиони очајни луѓе.

Претходно, Светската програма за храна соопшти дека е при крај со залихите во северозападна Сирија под контрола на бунтовниците и дека воената состојба ги отежнува хуманитарните напори.