Погледнете ги фармерите кои се залетуваат со камионети во насип за да спречат поплава

Во итни ситуации многумина се подготвени на незамисливи потези, посебно кога ќе се најдат во голема опасност. Животот на фармерите дефинитивно не е лесен. Многу зависи од мајка природа, која во последно време знае често да не изненади. Тоа го направила и во Калифорнија, каде езерото Туларе ја поплавило долината Сан Хоакин. Се се случило одненадеж, а луѓето се обиделе на различни начини да се снајдат за да го спречат продорот на надојдената вода предизвикана од наглото топење на снегот.

Меѓу нив посебно се истакнале фармерите кои повлекле некои драстични потези за да го спречат продорот на водата и да ги спасат своите овоштарници. Тие се одлучиле своите камионети да ги натоварат со земја и со нив да се залетаат во водата за да го намалат протокот, а со дополнителни напори успеале и да го сопрат.

Видеото прикажува како „Ford F-150“ веќе делумно го затворил преминот, а потоа на истото место пристигнал и „Chevrolet Silverado“. Возачот го жртвувал своето возило за да го затвори отворот во насипот. Преостанатиот дел од отворот го затвориле со ставање на земја.

Фармерите на крајот успеале да го зајакнат насипот. Овоштарникот е во кал, но не е целосно поплавен. Еднаш кога водата ќе се повлече, фармерите ќе ги извадат и камионите. Кој знае, можеби и ќе успеат да ги оспособат.