Расте бројот на позитивни случаи, ординациите велат дека има многу повеќе од статистиката

За една недела има двојно повеќе заразени со Ковид. Бројката на активни случаи надмина 10.000. Повеќе од половината се во Скопје. Но, матични лекари алармираат дека има многу повеќе болни. По цели семејства имале симптоми, а докторите не можат физички да постигнат да ги прегледаат сите.

-Навистина има многу болни, утрово пред ординацијата каде работам во 7.30 часот имаше 25 пациенти, а во ординацијата работи еден лекар и пресметајте дали може да ги прегледа сите и оние кои ќе дојдат и во 8 часот до крајот на смената. Бројката е огромна, паниката е тек сега, дури и кај оние кои не веруваат во вирусот. Дополнително болни се членови на цели семејства, вели д-р Бојан Трајковски, матичен лекар кој работи и во домашна посета.

Доктор Трајковски кој во домашни услови прегледува и третира Ковид пациенти вели дека за разлика од претходните варијанти, сега болните имале полесна клиничка слика, но според него високата бројка на заразени ќе донесе и зголемен број хоспитализации и смртни случаи.

-Во однос на дел од симптомите гледаме полесна клиничка слика за разлика од алфа сојот, кој беше драматичен, сега гчедаме полесна форма, но главен проблем се бројките, а кадарот е тој и тука го гледам проблемот бидејќи овој бран ќе трае месец – месец и половина ќе донесе и зголемен број хоспитализации, а со тоа и смртност, вели д-р Трајковски.

Инаку здравствените власти одлучија да нема дополнителни мерки за новогодишните празници, по што бројките на позитивни почнаа нагло да растат. Комисијата за заразни болести дури утре ќе ја разгледува епидемиолошката состојба. Засега нема најава за рестрикции, освен за предлог да се намали периодот на изолација за асимптоматските случаи од 10 на 7 дена, а за контактите од 2 недели на 10 дена.