Село се продава за 260.000 евра

Прашање за сите оние кои размислуваат за иселување од градот: зошто да не купите цело село? Се продава Салто де Кастро, село во северозападна Шпанија, по цена од 260.000 евра.




Сместено на границата со Португалија во провинцијата Замора, на приближно 300 километри од главниот град Мадрид, селото има многу згради кои можат да се најдат во типичен шпански град: хотел, црква, училиште, јавен базен, 44 куќи и касарна во која некогаш била сместена цивилната стража.
Но, она што го нема селото се жители. Салто де Кастро е напуштен повеќе од три децении.




Сегашниот сопственик го купил селото на почетокот на 2000-тите со намера да го претвори во туристичка дестинација. Сепак, кризата во еврозоната го оневозможи планот да успее.
„Сопственикот сонуваше да има хотел таму, но тоа беше ставено на чекање. Тој сепак би сакал да го види проектот да се оствари“, рече Рони Родригез од Royal Invest, кој го претставува сопственикот.




На веб-страницата Идеалиста, каде што селото се продава, сопственикот кој има околу 80 години напишал дека го продава селото бидејќи живее во градот и не може да си дозволи да го одржува.




Огласот привлече голем интерес, а откако беше објавен пред една недела е прегледан повеќе од 50.000 пати.