Трикови за да ја изладите собата без клима – Еве како најлесно да ги пребродите жешките денови и да избегните огромна сметка за струја

Иако климата стана речиси задолжителен дел од секој простор за живеење, многу луѓе се борат со високите сметки за струја, па не е лошо да знаете како може да се излади стан или куќа без да се вклучи климата. Бранот жешки денови во јули продолжува, па дури и оние кои имаат клима уреди во својот дом гледаат како да ги вклучат што помалку, бидејќи наскоро доаѓаат сметките за струја.

Доколку воопшто немате клима уред во вашиот дом, ова се совети кои можат да ви го олеснат престојот внатре во пеколните летни денови.

Чувајте ги прозорците и вратите затворени
Првиот и основен совет е да се задржи колку што е можно повеќе сончева светлина и топлина надвор од станот така што ќе ги држите прозорците затворени во текот на денот, со спуштени ролетни.

Користете вентилатор и шишиња замрзната вода за да се изладите
Отворете ги прозорците рано наутро за да влезе воздухот, а потоа кога ќе ги затворите вклучете го вентилаторот. Шишињата со замрзната вода во кои ќе додадете две или три лажички сол може да бидат многу корисни за време на топло време. Замрзнете ги преку ноќ и ставете ги пред вентилатор. Ефектот е неверојатен. Солта ја намалува температурата на замрзнување на водата, па добивате супер ледено шише мраз.

Затемнете ги собите
Во најтоплиот дел од денот, прозорците треба да се држат затворени, а ролетните спуштени. Исто така, се советува да се стават бели или светли завеси на прозорците, бидејќи на тој начин се рефлектира светлината.

Исклучете ги сите електрични апарати што не ги користите
Електричните апарати испуштаат топлина која може дополнително да го загрее вашиот животен простор. Колку помалку електрични апарати имате во просторијата, толку ќе биде поладно и попријатно за подолг престој. Исто е и со осветлувањето.

Збогатете го просторот со цвеќиња во затворен простор
Цветовите во затворен простор нема да помогнат да се разлади просторијата во која престојувате, но тие се многу важни бидејќи произведуваат кислород, ги отстрануваат непријатните мириси и воздухот ќе биде почист.