Убиство во Градско: пукано во двајца велешани, едниот почина

Се карале пред куќа, па по кавгата, 61-годишен жител на селото Подлес, во близина на Градско, вчера, убил еден, а ранил уште еден велешaнeц.
Жртвите, според последните информации, попладнето дошле пред неговата куќа и имале расправија со 61-годишниот маж. Веднаш по кавгата, човекот извадил пиштол и пукал кон двајцата велешани.

Пукајќи со пиштол, тој убил едно од лицата, а другиот бил тешко ранет.
Загинатиот 42-годишен маж е со иницијали М. Д., кој од добиените повреди починал во амбулантата во Градско, а 44-годишниот М. В. со тешки телесни повреди е пренесен во болницата во Велес.
Информацијата ја потврдија и од СВР Велес.„На 12.6.2023 во с. Подлес, општина Градско, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода С. И. (61) од с. Подлес. Околу 16.10 часот пред неговата куќа, тој, по претходна расправија, од пиштол „црвена застава“ испукал
неколку куршуми кон М. Д. (42) и М. В. (44), двајцата од Велес. Од добиените повреди во амбулантата во с. Градско починал М. Д., а смрт констатирал лекар од итната медицинска помош, а М. В. добил тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата во Велес за укажување помош. Пиштолот бил пронајден и одземен, а С. И. бил задржан во полициска станица. Увид на местото извршиле екипа од СВР Велес и јавен обвинител по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, велат од МВР за „Макфакс“.

61-годишниот С. И. е уапсен, а на местото на настанот е извршен увид од страна на екипа од СВР Велес и јавен обвинител по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, велат од МВР.