Филмот за палатата на Путин има 100 милиони прегледи (ВИДЕО)

Филмот на рускиот дисидент Алексеј Навални за прекрасната црноморска палата во сопственост на претседателот Владимир Путин, што шефот на руската држава го негира, го виделе над 100 милиони луѓе на ЈуТјуб.

Навални, кој е во едномесечен притвор за кршење на условната казна, го објави видеото пред повиците за масовни протести за да се зголеми опторот на граѓаните.

Тој филм на Фондацијата Навални сè уште се користи за да се мобилизираат што е можно повеќе луѓе на протестите свикани и за оваа недела. Властите предупредуваат дека протестите не се дозволени поради пандемијата и ќе се сметаат за нелегални.

Во двочасовниот филм со наслов Палатата на Путин, кој, како што тврди Навални, пред се е приказна за корупцијата, детално е прикажан прекрасен имот на брегот на Црното Море со површина од скоро 18.000 квадратни метри.

Авторите на филмот тврдат дека околината е скоро 40 пати поголема од Кнежевството Монако и дека зградата наводно чинела 100 милијарди рубљи (околу 1,12 милијарди евра).

Според наводите изнесени во филмот, палатата ја финансирале руските државни компании Роснефт и Транснефт, а со двете управуваат двајца блиски пријатели на Владимир Путин: Игор Сечин и Николај Токариев.

Изградена во стилот на италијанска палата, оваа зграда има и лизгалиште, казино, базен, театар и т.н. аква-диско. Ова беше инспирација за поп-музичкото парче и видео наречено Аквадискотека, кое го прегледале над три милиони луѓе на ЈуТјуб.

Путин рече дека палатата не му припаѓа нему или на кој било член на неговото семејство.

По петмесечен престој во Германија, каде што се лекуваше и се опоравуваше од последиците од наводно труење со хемискиот отров новичок , Навални се врати во Русија на 17 јануари и веднаш беше уапсен за кршење на условната казна.

44-годишниот адвокат се наоѓа во московски затвор и чека исход за четири правни случаи, за кои тврди дека се измислени. Тој го обвинува Владимир Путин дека го наредил неговиот атентат. Путин го негира ова, тврдејќи дека Навални е дел од валканата кампања организирана од САД за да го дискредитираат.