Чувствувате надуеност во стомакот? Овие работи ќе ви помогнат да го отстраните тоа чувство

Дури и најздравите луѓе, доколку јадат обилно или јадат мрсна и зачинета храна, понекогаш чувствуваат надуеност во стомакот. Ваквиот проблем може да се реши со правилна хидратација, со пиење пробиотици, со одредени физички вежби или едноставно со правилна и балансирана исхрана.

Овој проблем, кој знае да предизвика сериозни мачнини, чувство на гадење и непријатност во стомакот, можете трајно да го решите ако редовно јадете плодови какви што се краставицата, авокадото, боровинките или лубеницата.

Краставици Иако многумина ќе бидат изненадени кога ќе дознаат дека краставицата е растение што ги намалува гасовите и надуеноста во системот за варење, поради силициовиот диоксид кој се наоѓа во нејзиниот состав таа е совршена во секоја свежа салата. Сепак, краставицата треба да ја избегнуваат сите што имаат какви било други здравствени проблеми поврзани со дигестивниот систем, бидејќи многу бавно се вари и може да предизвика иритација или воспаление на желудникот.

Авокадо Авокадото е уште еден од плодовите што се препорачуваат ако по консумирање одредена храна, чувствувате мачнини и тегоби во желудникот. Затоа, авокадото во комбинација со солена храна може многу да помогне во олеснувањето на процесот на нејзино варење, а со тоа многу да се намали и можноста за надуеност.

Цели зрна житарки Целите зрна од жита кај нас се јаделе отсекогаш. Во минатото многу често луѓето вареле цели зрна пченица и со одреден засладувач, како што е медот или шеќерот, ги јаделе како десерт. Токму вака сварените цели зрна од жито или од ’рж, многу помагаат во регулирањето на варењето на храната. Покрај тоа, целите зрна од житата ги прочистуваат „џебовите“ на цревата во кои се складираат остатоците од храна кои понатаму се разградуваат, а доколку не се исфрлат навремено, претставуваат сериозен ризик по здравјето на луѓето.

Боровинки Боровинките, капините и малините исто така многу помагаат во намалувањето на надуеноста на стомакот. Овие плодови во својот состав содржат растителни влакна и полифеноли, кои ја подобруваат работата на цревата.

За да подготвите напиток што ќе ви ги олесни желудочните тегоби, потребни се 100 грама свежи боровинки, 200 грама свеж кељ, 50 грама замрзнат ананас и 100 милилитри нискокалоричен јогурт.
Сите состојки ставете ги во блендер и убаво миксирајте ги.
Напитокот пијте го веднаш штом ќе го подготвите, а придобивките што ќе ги имате по здравјето, ќе ги почувствувате многу брзо.

Лубеница Лубеницата е многу здрава и полна со витамини. Таа во својот состав содржи дури 93 отсто вода што ја прави совршена храна за чистење на организмот од наталожените токсини. Секогаш кога ќе почувствувате одредена тежина во пределот на стомакот, каснете неколку парчиња лубеница. Сокот не само што ќе помогне во регулирањето на храната, туку и ќе ја намали надуеноста.

Банани Калиумот што го содржат бананите ќе ги сведе на минимум грчевите и ќе го намали присуството на натриум во дигестивниот систем, а со тоа ќе ја „отстрани“ и надуеноста во цревата и ќе помогне во намалувањето на гасовите. Меѓу другото, бананите во својот состав содржат пробиотски влакна, кои го поддржуваат варењето на храната, така што ќе се чувствувате многу полесно и поздраво.

Папаја Папајата во својот состав содржи ензим кој е познат како папаин, кој помага во разградувањето на протеините. Токму ензимите во папајата помагаат во ублажувањето на симптомите на надуеност, ги решаваат проблемите со опстипацијата и го олеснуваат исфрлањето на наталожените материи што подолго време останале задржани во цревата.

Топла вода со лимон Пиењето топла вода со лимон е природен лек за многу болести. Препорачливо е секое утро, на празен стомак, дури и пред да го испиете утринското кафе, да се напиете една чаша млака вода со лимон. Овој напиток не само што ќе ве расони многу побрзо од кафето, туку ќе го прочисти целиот дигестивен систем и ќе спречи појава на гасови и надуеност во стомакот. Меѓу другото, лимонот во комбинација со млака вода ќе ја поттикне и работата на цревата, а со тоа и забрзувањето на исфрлањето на вишокот на храна. Се препорачува за сите што се на диета, но и за оние што имаат проблеми со висок крвен притисок, како и зголемено присуство на триглицериди, шеќер и маснотии во крвта.

Киви Кивите многу помагаат во разградувањето на белковините што се акумулираат во телото и кои можат да бидат причина за појава на болки во стомакот и чувство на нелагодност. Сепак, кога јадете киви, а притоа имате проблеми со варењето на храната, мора да ги отстранувате семките, бидејќи многу тешко се варат и можат да го надујат стомакот.

Јогурт Јогуртот е еден од најздравите напитоци што можеме да ги пиеме и тоа секојдневно, без притоа да имаме грижа на совест дека може да биде причина за зголемување на телесната тежина. Овој пробиотски напиток е полн со позитивни бактерии што ја подобруваат работата на цревата и забрзаното варење на храната. Освен на оние што се интолерантни на лактоза, на сите други јогуртот ќе го подобри варењето на храната и лесно ќе се „избори“ против чувството на надуеност во стомакот.

Батат Бататот е растение што ја подобрува работата на желудникот и на цревата. Овој плод содржи поголеми количества калиум, кој може да помогне во отстранувањето на задржаната вода во телото. Бататот исто така е богат и со антиоксиданти, кои можат да помогнат во намалувањето на воспалителните процеси во организмот.